Етиопската легенда
за едно од најдобрите кафиња во светот

Кафето коешто денес е распространето и се одгледува насекаде ширум светот претставува национално богатство и наследство на Етиопија, коешто своите корени ги влече векови наназад од древните шуми со кафе. Според легендата моќта, магијата и потенцијалот на денес многупосакуваните зрна биле откриени од страна на козарот Калди.

Приказната започнува со мигот кога Калди забележал дека неговите кози, откако јаделе од непознатите зрнести плодови од дрвјата во близина, станувале толку енергични и активни, што дури и не спиеле во текот на ноќта.

Своето откритие козарот го споделил со игуменот на локалниот манастир, кој решил да го провери дејството на непознатите зрна. Напитокот што го направил му помогнал да остане буден и сконцентриран за време на долгите вечерни молитви, по што знаењето за енергетските зрна тој го пренел на останатите монаси во манастирот, со што започнала да си шири приказната за кафето.

Како што светот се придвижуваше кон исток, така кафето пристигна на Арапскиот Полуостров, што го означи почетокот на големото патување на овие извонредни зрна.