Кафето на
Арапскиот Полуостров

Почетоците на одгледувањето и трговијата со кафе се врзани за Арапскиот Полуостров. До XV век кафето се одгледувало на територијата на денешен Јемен, за веќе во XVI век да биде познато и во Персија, Египет, Сирија и Турција.

Дека кафето не било само напиток за домашно задоволство сведочат и многубројните јавни кафетерии, наречени qahveh khaneh, коишто се појавиле во градовите на Блискиот Исток. Популарноста на овие кафетерии била толку голема, што не можела да се спореди со ништо друго, а кафето се користело како „изговор“ за секакви социјални средби.

Кафетериите биле места каде покрај што се пиело кафе, се воделе разговори за најновите случувања, се играло шах, а во нив настапувале и многу музичари и изведувачи. За кратко време тие станале важни места за размена на информации, па се нарекувале и „школи на мудроста“.

Приказната за „виното од Арабија“ почнала да се шири преку стотиците аџии кои секоја година доаѓале во светиот град Мека.