Кафето пристигна
во Европа

Приказните за невообичаениот црн напиток од Блискиот Исток на Стариот континент пристигнале заедно со европските патеписци и мисионери. За во XVII век и кафето да го пронајде својот пат до европското тло, набрзо проследен со голема популарност и интерес.

Реакциите за новиот напиток биле поделени, така што многумина пристапиле со доза на сомнеж и нескриен страв, нарекувајќи го кафето „горка творба на Сатаната“. За што сведочи и анатемисувањето на кафето од страна на свештениците во Венеција во 1615 година. Откако ситуацијата излегла од контрола папата Климент VIII бил принуден да интервенира и да донесе одлука за судбината и иднината на уникатните зрна. Задоволен од вкусот и чувството на среќа и исполнетост по дегустирањето на новиот, непознат напиток Папата дал дозвола за користење и консумирање на кафето.

Покрај сите контроверзии, во поголемите градови во Англија, Австрија, Франција, Германија и Холандија се појавиле кафетерии коишто набрзо се претвориле во седишта на најзначајните општествени активности и случувања. Особено се истакнувале таканаречените penny universities каде за само едно пени можело да се ужива во филџан добро кафе и интересен разговор.

Кафето за кратко време го презело приматот и станало главен напиток за време на појадокот, фрлајќи ги во сенка пивото и виното. Оние кои денот го започнувале со кафе наместо алкохол биле поенергични, повитални, попродуктивни што директно влијаело и на квалитетот на нивната работа.

До средината на XVII век во Лондон имало повеќе од 300 кафетерии, каде што се собирале групи на истомисленици, кои вклучувале трговци, бродоградители, брокери, уметници и сл. Многу од овие бизниси потоа прераснале во специјализирани кафетерии.