Кафето на
американскиот континент

Историјата на кафето го бележи скапоцениот подарок со којшто градоначалникот на Амстердам во 1714 година го дарувал францускиот крал Луј XIV, во време кога Холандија владеела на пазарот за трговија со кафе, а извозот на расад и семе од кафе бил строго забранет со пропишана смртна казна. По наредба на кралот младото растение било засадено во Кралската ботаничка градина во Париз. За девет години подоцна, во 1723 година, младиот морнарички офицер, Габриел де Клие, успешно да го пренесе семето од ботаничката градина во Париз на францускиот остров во Карипското Море, Мартиник, на патување со лоши временски услови, пиратски напади и диверзии.

Поволните климатски услови придонеле на островот да никнат првите плантажи на кафе, коишто во следните 50 години стигнале до бројка од 18 милиони дрвја со кафе. Ова семе подоцна послужило како расад од кафе на Карибите, Јужна и Централна Америка.

Почетоците на прославеното бразилско кафе се врзани за името на Франциско де Мело Палета, кој бил испратен на Француска Гвајана со задача да обезбеди расад од квалитетно кафе. Иако неговите барања биле одбиени, неговиот привлечен изглед ја восхитил сопругата на францускиот гувернер, која на заминување му подарила огромен букет цвеќе во чијашто внатрешност било сокриено семе од кафе, од коешто подоцна се роди она што денес претставува мултимилионски профитабилен бизнис.

Со секое ново патување на мисионерите, трговците и колонијалистите магичните зрна кафе продолжиле да се носат и засадуваат во нови земји низ светот. Така се појавиле плантажи со кафе во живописните тропски шуми, но и на нерамни планински предели, некои со пократок, а некои со подолг „животен век“, пришто се создавале, но и губеле големи богатства.

До крајот на XVIII век кафето се наметнало како едно од најважните и најпрофитабилните извозни растенија. За денес тоа да претставува вториот најбаран производ во светот по суровата нафта.